Светските медиуми и социјалните мрежи објавија вознемирувачко видео од надзорна камера на која се гледа местото и моментот на смртоносната експлозија во Истанбул.

Иако веднаш по експлозијата почнаа да кружат гласини дека бомбаш-самоубиец е одговорен за експлозијата, на видеото се гледа дека торба била оставена на авенијата Истиклал, на плоштадот Таксим која во моментот на експлозијата била полна со туристи и локални жители.

Турскиот медиум OdaTV објави фотографија од жена која можеби учествувала во експлозијата во Истанбул во која загинаа најмалку шест лица. Според новинарите, токму таа го оставила пакетот во централната улица Истиклал, кој подоцна експлодирал.

На социјалните мрежи се појави фотографија од жената која на главата носи црна марама и е облечена во маскирни панталони.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во денешното обраќање до јавноста изјави дека првите информации говорат за тоа дека во нападот е замешано женско лице, односно дека извесна жена имала значајна улога во инцидентот.

Според досегашните податоци, во нападот загинаа шест, а ранети се над 80 лица.