Тешка сообраќајна несреќа денеска го погоди истокот. Во несреќата три женски лица го загубија животот, а уште четири беа повредени. Повредениот од тешката сообраќајка на автопатот Штип-Миладиновци, кој беше пренесен на Клиниките во Скопје е во стабилна состојба.

– Повредениот е на возраст од 29 години, во стабилна состојба е, со скршени ребра и контузии на белите дробови. Ќе биде задржан на опсервација неколку дена, истакна доктор Неџати Јакупи од Клиниката за торакална и васкуларна хирургија.

Во тешката сообраќајна несреќа што се случи денеска на автопатот Штип-Миладиновци на околу половина километар од патарината кај Кадрифаково, загинаа три женски лица на возраст од 15, 37 и 62 години. Според првичните информации, жртвите се во роднинска врска и се превезувале во возило шевролет „калос“ со скопски регистерски таблички, во кое имало уште две лица.

Во штипската Клиничка болница во моментов се останатите повредени лица на кои им се прават лекарски прегледи.

Истрагата треба да покаже кои се причините за оваа страотна несреќа во која животот го загубија три лица. Увидот на местото на несреќата е завршен и после неколкучасовниот прекин сообраќајот на овој патен правец е нормализиран, информираат од СВР Штип.

Инаку, ова е втора тешка сообраќајна несреќа на истокот за оваа недела и билансот од двете сообраќајки е четири жртви.