Швајцарската полиција уапси маж и жена, државјани на Србија, за убиство на тригодишно девојче. Осомничените се јавиле на 911 веднаш штом виделе дека нивната ќерка не дише. Но, лекарите можеле само да констатираат смрт на девојчето.

Како што пишува порталот Блик, по обдукцијата на телото било констатирано дека девојчето починало како последица на тешки повреди нанесени од тап предмет.

Обвинителот Патрик Флури рече дека нема да разговара за деталите за случајот, вклучително и за повредите со кои девојчето се здобило. Еден од сведоците бил и соседот на семејството, кој изјавил дека од станот на семејството секојдневно се слушаат детски врисоци.

„Вечерта пред трагедијата слушнав детски крик од станот, но не можев да замислам дека ќе се случи такво нешто. Од друга страна, уапсените сопружници биле многу љубезни и пријателски настроени. Очигледно беше дека сакаат деца“, вели соседот.

Друг сосед изјавил дека полицијата дошла во станот на осомничениот и ги уапсила.

„Таму беа и лекарите од итната помош. Се собраа луѓе од соседството, бидејќи никој не разбра што се случува. Меѓутоа, кога се појави погребната кола, знаевме дека нешто лошо се случило. Луѓето веднаш дознаа што се случило“, рече тој.