Синоќа во Велика Кладуша, БиХ дошло до пукање во кое животот го загуби Асмир Халилагиќ (37), кој неодамна беше пуштен на привремена слобода од КПУ Зеница.

Како што пишува Аваз, тој таму ја отслужувал казната за убиството на Хасан Граховиќ во јануари 2021 година. Граховиќ починал на 28-годишна возраст. Халилагиќ синоќа беше убиен од братот на Хасан Граховиќ, Изет Граховиќ (26).

Уште од убиството на младиот човек во 2021 година, Изет Граховиќ се подготвувал да се одмазди за смртта на својот брат. Халилагиќ беше ликвидиран како жртва на крвна одмазда, обичај кој сè уште не е искоренет, особено во руралните делови на Босна и Херцеговина.

Од автомобил пукал во Халилагиќ, испукал неколку куршуми

Изет Граховиќ, како што пренесуваат медиумите повикувајќи се на полициски извори, пукал во Халилагиќ од автомобил и испукал неколку куршуми кон него, а се укажува дека тој внимателно го испланирал убиството.

Бахрудин Џелалагиќ, портпарол на полицијата на Унско-санскиот округ, за Независне новине од Бања Лука изјави дека осомничениот за убиството мирно го чекал пристигнувањето на полициската патрола и го предал оружјето што го користел за да го изврши убиството.

Медиумите велат дека Граховиќ бил мирен и повлечен човек без досие во полиција.