Турскиот министер за правда Бекир Боздаг изјави дека за експлозијата во центарот на Истанбул е осомничена жена, која, според него, седела на клупа 45 минути, а потоа станала.

Експлозијата се случила попладнето на улицата Истиклал во центарот на Истанбул.

Потпретседателот на Турција, Фуат Октај изјави дека има шест загинати и 81 повредено лице и истакна дека властите на таа земја експлозијата во Истанбул ја сметаат за терористички напад, кој го извршила жена.

– Жената која ја остави чантата седеше на клупата 45 минути. Некое време откако таа стана, дошло до експлозија – изјави министерот за правда Бекир Боздаг во интервју за ТВ каналот А Хабер.

Според него, сите терористички организации се поддржани од надворешни сили.

– Посредничка војна се води против Турција – нагласи министерот.

Боздаг нагласи дека Министерството за правда се уште нема информации за организаторите на нападот.

– Засега немаме такви информации – рече Боздаг одговарајќи на прашањето на водителот на ТВ каналот А Хабер дали терористичка организација ја презеде одговорноста за експлозијата во Истанбул.

Фуат Октај исто како и турскиот претседател Ердоган рече дека кој и да стои зад овој напад ќе биде уапсен и казнет.

– Многу брзо ќе го решиме овој случај. Кој стои зад тоа ќе одговара – рече Октај.