Две руски ракети, дел од денешните масивни руски напади врз цели во Украина, паднале во Полска, при што загинале двајца луѓе, информира висок претставник на НАТО, пишува Асошиејтед Прес(АП). Преставникот вели дека ракетите се од денешниот руски напад врз Киев. Жртвите ги потврдија полските медиуми, наведувајќи дека се работи за селото Пжеводов на граница со Украина.

Портпаролот на полската влада Пјотр Мулер веднаш не ја потврди информацијата од висок американски разузнавач, кој сакаше да остане анонимен поради чувствителната природа на ситуацијата. Но, Мулер рече дека највисоките лидери на земјата одржуваат итен состанок поради „кризна ситуација“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека Русија во денешниот напад истрелала најмалку 85 проектили, „повеќето од нив кон нашата енергетска инфраструктура“, што предизвикало прекин на струјата во многу градови.

Од седиштето на НАТО во Брисел исто така најавија итен состанок на земјите-членки на Алијансата по повод инцидентот со руските ракети. Според членот 5 од Повелбата на НАТО, нападот врз една членка автоматски повлекува акции за одбрана од страна на целата алијанса, односно од сите земји-членки.