САД во текот на изминатиот викенд извеле антитерористичка операција против „значајни мети“ на терористичката мрежа Ал-Каеда, потврдиле американски функционери во понеделникот, додека медиумите пренесуваат дека е убиен водачот на ова џихадистичка организација Ајман ал-Завахири.

Египќанецот по потекло Ајман ал-Завахири официјално е водач на Ал Каеда и влијателен член на исламистички организации кои во минатото организирале и изведувале терористички напади во Северна Америка, Азија, Африка и на Блискиот исток. Ал-Завахири беше вториот и последен ткн „емир“ на Египетскиот исламски џихад, често беше нарекуван „десната рака“ на Осама бин Ладен, чии биографи го опишуваат и како „вистинскиот мозок“ на Ал Каеда.

Еден од изворите на американските медиуми, изјави дека американската Централна разузнавачка агенција (CIA) во неделата извела напад со дрон во авганистанската престолнина Кабул. Нападот со дронот во неделата го потврдија и привремената влада на радикалното исламистичко движење Талибан, но немаше информации за жртви, како и за видот на целта на ударот.

Во изјавата за медиумите талибанскиот портпарол Забиула Муџахид потврдил дека се случил напад и остро го осудил, нарекувајќи го „кршење на меѓународните прописи и начела“.

Доколку биде официјално потврдена информацијата за ликвидацијата на ал-Завахири,, тоа би била првата позната американска воена операција во Авганистан, по хаотичното повлекување на трупите и дипломатите од Кабул кон средината на август 2021 година, по што талибаните без борби по две децении се вратија на власт.

„Операцијата била успешна и не предизвикала цивилни жртви“, рекол неименувани американски извор за новинарите од неколку медиуми.

Американскиот претседател Џо Бајден ќе ѝ се обрати на јавноста подоцна во понеделникот по локални време за она што Белата куќа ги опишала како „успешна антитерористичка операција“, тврди Associated Press.