Лидерот на Ал-Каеда и најбаран терорист на светот, Ајман ал-Завахири, е убиен во американски напад со дрон во Кабул, објави Џо Бајден, додавајќи дека акцијата ја извела ЦИА.

„Завахири остави трага од убиство и насилство врз американските граѓани. Сега правдата е задоволена“, кажа Бајден.

Завахири ја презеде Ал-Каеда по смртта на Осама бин Ладен во 2011, со кого заедно ги планирал нападите на САД од 11 септември 2001.

Официјални лица открија дека тој бил на балконот на сигурна куќа во Кабул кога биле испукани два проектила со дрон.

„Иако во куќата имало и негови роднини, тие не биле повредени и само Завахири загинал. Претседателот Бајден го даде конечното одобрение за прецизниот напад врз 77-годишниот лидер на Ал-Каеда по неколку месеци планирање“, кажаа официјални лица.

Бајден истакна дека Завахири стоел и зад бомбашкиот напад врз воениот брод „Кол“ во Јемен во 2000, кога загинаа 17-мина американски морнари и врз нападите на американските амбасади во Кенија и Танзанија во 1998, во кои беа убиени 223 луѓе.

Очен хирург по професија, Завахири бил еден од основачите на милитантната група Египетски исламски џихад и важеше за десна рака на Бин Ладен и главен идеолог во Ал-Каеда. Експертите сметаат дека тој бил мозокот на нападите од 11 септември и американската влада потоа го стави на второто место, зад Бин Ладен, на листата на 22-ца најбарани терористи, со награда од 25 милиони долари.

Во следните години, Завахири доста се експонираше преку видео и аудиоснимки, додека групата се радикализираше и регрутираше луѓе низ светот. По смртта на Бин Ладен и со зајакнувањето на други групи и движења, тој стана маргинална фигура и ретко се огласуваше.