Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и неговата Демократска партија на социјалисти (ДПС) доцна вечерва успеаја со иницијативата за уривање на владата на Дритан Абазовиќ од Граѓанското движење УРА.

За пад на кабинетот на Абазовиќ гласаа 50 оратеници од вкупно 81 во црногорскиот парламент. Еден беше против, а останатите 30- кои го подржуваа Абазовиќ или се противници на Ѓукановиќ излегоа од салата и не учествуваа во гласањето.

Иницијатива за растурање на краткиот политички брак меѓу Ѓукановиќ и Абазовиќ дојде поради тврдењето на ДПС дека црногорската влада отстапува од европскиот пат по потпишување на Темелниот договор со Српската православна црква- СПЦ .

Досегашниот премиер Абазовиќ пак тврдеше дека станува збор за одмазда и за пресметка со силите на тутунската мафија која шверцува цигари и има политички врски со ДПС, а се почнало по голема акција и заплена на цигари шверцувани со брод.

Засега нема назнаки дали ДПС ќе почне процес за формирање нова влада или ќе се оди на нови избори.

Ѓукановиќ е најдолговечниот балкански политичар, а на политичката сцена е од 1990-тата година пред распадот на Југославија. Пред две години, за првпат неговата коалиција не освои мнозинство пратеници, но Ѓукановиќ успеа да урне двајца премиери, првин Кривокапиќ со подршка на Абазовиќ (прв Албанец премиер во независна Црна Гора), а потоа го турна граѓански профилираниот Абазовиќ со интерпелација во која учествуваа и противници на ДПС и на “вечниот” Мило Ѓукановиќ.