Девојка пронајдена во локви крв во паркиран Мерцедес во Инголштад, Јужна Германија го отвори еден од најчудните случаи во земјата. На полицијата ѝ требало време да сфати дека тоа не е девојката, туку нејзината двојничка по изглед која била сурово убиена од неа. Осомничената, 23-годишна козметичарка Шарабан К. од Минхен, инаку Ирачанка, го извршила чинот со косовски државјанин, Шеќир К. откако претходно ја нашла својата двојничка на Инстаграм, пишува Гардијан.

Двојничката пак, исто 23-годишна привлечна девојка со црна коса била од алжирско потекло, а работела како блогерка за убавина oд Хајлброн во соседната држава Баден-Виртемберг. Од сликите може да се види дека двете девојки имале сличен тен, а и двете носеле многу шминка.

Осомничената и косовскиот државјанин го сториле чинот во август минатата година. Но, дури сега властите почнаа да шпекулираат што би можел да биде мотивот за ваквото убиство.

– Истрагите нè наведоа да претпоставиме дека обвинетата сакала да се скрие поради семеен спор и (со убиството на својата двојничка) да ја лажира сопствената смрт – изјави во понеделникот Вероника Гризер од државното обвинителство во Инголштад.

За да ја најде својата двојничка осомничената контактирала со неколку жени кои личеле на неа, а пробувала да оствари состаноци со нив, давајќи им разни козметички понуди. Само една од девојките се согласила. Осомничената Шарабан К. и косовскиот државјанин ја земале девојката од нејзиниот стан на денот на убиството. Ја однеле во шума близу градот Инголштад каде смислиле изговор таа да излезе од возилото, а потоа ја избоделе до смрт.

– Оружјето од криминалот не е пронајдено, но доказите се огромни – изјави портпаролот на полицијата, Андреас Ајкеле, за таблоидот Билд.

– Жртвата била убиена со преку 50 удари на ножот, а нејзиното лице целосно изобличено – додава портпаролот.

Обвинителите тврдат дека двајцата осомничени потоа ја подигнале жртвата на задното седиште од нивниот Мерцедес и се возеле кон Инголштад, паркирајќи го автомобилот во мирна станбена област покрај брегот на Дунав. Родителите на Шарабан К. го откриле телото непосредно пред полноќ на 16 август минатата 2022 година.

Но, дури сега, на 26 и 27 јануари оваа година полицијата конечно издала налози за апсење на Шарабан К. и Шеќир. Тие се соочуваат со доживотен затвор.

– Не ви доаѓа ваков случај секој ден, особено со таков спектакуларен пресврт. На денот кога го најдовме телото, немаше ништо да нè подготви за овој развој – објаснува портпаролот на полицијата.