Жителите на загрепската населба Утрина биле преплашени од појавата на огромна змија. Поради тоа, Азил Думовец добил голем број повици од граѓани кои ја виделе змијата. Азил објасни за што се работи преку објава на Фејсбук.

– Нема причина за паника!

– Вчера добивме голем број повици и пораки од граѓани поврзани со оваа змија во Утрина. Многумина ја видоа како се сонча, но кога ќе слушне дека има луѓе во близина, таа ќе тргне по својот пат. Станува збор за РИБАРИЦА – неотровна змија која е безопасна за луѓето. Очигледно таа залутала во населбата и предизвикала страв кај некои граѓани.

– Ако ја видите пак, оставете ја на мира. Таа брзо ќе се оддалечи од вас и од другите луѓе. Змиите се заштитени со закон, затоа не се обидувајте да ги фатите! Секаков напад врз нив е строго забранет! Ако сакате да ја преместиме, јавете ни се.

Змиите сега ги фаќаат последните сончеви зраци и бараат место за хибернирање. Затоа сега можете полесно да ги забележите отколку во остатокот од годината – велат тие.

Слични случаи и во Сараево

Жителите на сараевските населби Циглане и Кошево деновиве снимија две змии кои се појавија пред станбените згради и на паркингот.

Како што јавуваат босанските медиуми, две змии биле забележани пред влезот на зградата на улицата „Хакије Куленовиќ“. Станарите кои ја доставиле снимката велат дека за 35 години колку што живеат на таа адреса никогаш не виделе такво нешто.

Се сомневаат дека гнездото на змии било нарушено поради градилиштето во непосредна близина. Посочуваат дека веднаш се обратиле до цивилна заштита и побарале помош, но им било кажано дека оваа институција не се занимава со оваа проблематика.

На видеото може да се види мала змија како лази пред влезот, но и во близина на автомобилот, поради што постои страв дека змиите ќе влезат во моторните возила и таму ќе најдат привремено засолниште. Засега не е познато за каква змија се работи.

Читател на порталот Klix.ba испрати фотографии од многу поголема змија која е забележана околу 15:00 часот на шеталиштето кај Зетра кон стадионот Асим Ферхатовиќ – Хасе.