Адвокатот Дардан Хакиу рече дека во Косово има случаи кога семејствата на девојчињата кои доживеале силување или некој вид на злоупотреба бараат и се согласуваат на брак со насилникот.
Хакиу, кој во својата професија застапувал сексуално злоставувани малолетни личности, како и обвинети за такво насилство, рече дека тоа потоа се зема како олеснителна околност во судскиот процес против насилникот.
– Има случаи кога имаме договор меѓу страните, кога семејството на жртвата се согласува да бара помала казна за насилникот да се ожени со малолетно лице. Во Косово има такви случаи кога семејството на малолетно лице му кажува на насилникот дека ако го земе девојчето за невеста, ќе се откажат од кривичното гонење против него – изјави Хакиу за КТВ, пренесува Коха.
Според него, судството во Косово се уште е слабо кадровски и има судови кои имаат само еден судија или обвинител за малолетници.
Тој, исто така, го критикуваше доцното пријавување на насилство од страна на многу малолетници, велејќи дека тоа претставува проблем во однос на доказите.
Изјавите на адвокатот доаѓаат само неколку дена по веста дека пет мажи во Приштина силувале 11-годишно девојче. Сите осомничени се уапсени и на секој од нив им е одредена мерка притвор од еден месец. Овој случај предизвика многу реакции кои беа проследени со протести во Приштина, Тирана и Скопје, но и со оставки на полициски службеници.
Be the first to write a comment.