1. Шпагети кои растат на дрво

На 1 април 1957 година емисијата „Панорама“ на Би-Би-Си објави прилог за место во Швајцарија каде традиционално се собираат шпагети кои растат на дрво. Многу Британци наседнале на оваа шега, а зошто да не – емисијата беше на телевизија, која тогаш била прилично нова технологија во домовите на луѓето, а јавниот сервис на Велика Британија сигурно не би излажале за такво нешто? Нели?

Оваа приказна е рангирана како број 1 шега во историјата според вебсајтот „Музеј на измами“.

2. Најбрзиот бејзбол фрлач во историјата

Луцидниот новинар Џорџ Плимптон ја измислил приказната за фрлачот на бејзбол тимот Њујорк Метс во сторија на „Спортс Илустрејтед“. Во изданието од 1 април 1985 година била објавена веста за извесниот Сидарта „Сид“ Финч, кој можел да го фрли топчето со неверојатни 270 километри на час. Првите букви од зборовите на поднасловот ја составиле реченицата Среќен Први април, но многу читатели биле прелажани дека тимот на Метс ангажирал неверојатен играч кој ќе им донесе многу титули со овој негов талент.

Плимптон потоа оваа негова сторија ја претворил во роман.

3. Пи, ама заокружено

Пи е сложен. Како некој може да работи со ирационален број кој продолжува до бесконечност? Пратениците во американската држава Алабама наводно во 1998 година разгледувале закон со кој овој број, кој изнесува 3,14159… ќе го заокружат просто на 3. Иако станувало збор за шега на Марк Босло, оваа вест широко се раширила и многумина поверувале на неа.

4. Тоалет хартија за левучари

Зошто деснаците да бидат поблиску до чистотата? Во 2015 година компанијата „Котонел“ на Твитер напиша дека воведуваат тоалетна хартија за левучари за сите оние кои мака мачат со овој проблем. Оваа шега била слична на онаа на „Бургер Кинг“ кога вовеле хамбургер за левучари.

5. Ѕвоното на слободата во Тако Бел

Во оваа култна првоаприлска шега компанијата за брза храна „Тако Бел“ во 1996 година објавила оглас во весниците дека планира да го купи „Ѕвоното на слободата“ (Liberty Bell), култниот симбол на американската независност. Според нив мотивот за тоа било да им помогнат на државата во враќање на националниот долг. На оваа шега наседнале дури и некои сенатори и институции, како Службата за национални паркови, кои одржале вонредна пресконференција за да ја негираат веста. Точно на пладне од „Тако Бел“ објавиле дека се работи за шега и дека ќе донираат 50 илјади долари за заштита на ѕвоното. Цената на шегата, секако, е бесценета.

6. Биг Бен се дигитализира

Британците се мајстори за првоаприлски шеги, па во 1980-та година Би-Би-Си објави дека култниот часовник во центарот на Лондон, Биг Бен, ќе добие модернизација и ќе се замени со дигитален. Шегата не поминала баш најдобро меѓу публиката, па медиумот дури морал и да се извинува на своите гледачи и слушатели.

7. Сакате колор телевизија? Пробајте со хулахопки

Во 1962 година Шведската национална телевизија имала гостин, наводен експерт за технологија, кој на публиката им кажал дека црно-белата слика на ТВ екраните може лесно да се промени во боја доколку екранот се гледа преку хулахопки. Многу Швеѓани наседнале на оваа шега па се обидувале своите домашни уреди на лесен начин да ги претворат во колор телевизори.

8. Довидување на „Вселенската игла“

Во 1989 година актерите од хумористично шоу во Сиетл во својата емисија објавиле дека препознатливата градска знаменитост, облакодерот сместен во центарот на градот познат како „Вселенска игла“, се срушил. Иако оваа вест била шега сепак 700 гледачи панично почнале да вртат на телефоните на емисијата вознемирени од оваа „новост“.

9. Гугл Гулп

Една од компаниите кои често се шегува со своите корисници за 1 април е технолошкиот гигант Гугл. Во 2005 година тие објавиле дека почнуваат со производство на нов пијалак – Гугл Гулп. Сокот бил со многу мала количина јаглеродни хидрати и наводно помагал за развој на мозокот.

10. Немојте да пиете и да сурфате

Во 1994 година Пи-Си Магазинот објавил текст за предлог закон кој стигнал до американскиот Конгрес со кој требало да се забрани користењето на интернет доколку сте пијани. Иако името на личноста во сторијата било чудно (Lirpa Sloof – што читано наназад е „Првоаприлска шега“) многумина оваа вест ја сфатиле сериозно.