Основниот суд во Приштина го отфрли обвинителниот акт против петмината осомничени, Е.Р. и Ш.К, како и против тројца малолетници вмешани во силување на 11-годишно девојче во август минатата година.

Одлуката ја донел судијата Аднан Исуфи, наведувајќи дека обвинението, односно предлогот во шест точки е нецелосен, објави „Рeпортери“, повикувајќи се на „Заклетвата за правда“. Во одлуката се наведува дека судот при разгледување на обвинителниот акт е ограничен да не го прејудицира завршувањето на кривичната постапка.

– Иако судењето се уште не е започнато, судот не може да оцени дали фактичката состојба е целосно докажана и несомнено врз основа на доказите, бидејќи со тоа целосно ќе се наштети на завршувањето на судењето – се наведува во одлуката.

Се додава дека обвинителниот акт или предлогот во наведените точки не е доволно јасен, збунувачки, а фактичкиот опис јасно не соодветствува со правната квалификација на кривичните дела и дека е неприфатливо да се подигне обвинителен акт како би се испитал случајот во текот на судскиот процес.

Според судијата Исуфи, има десетици пресуди кои се укинати, а постапките се вратени на почеток, бидејќи не биле раздвоени инкриминираните дејствија на обвинетите. Во врска со ова, на 18 јануари годинава, Основното обвинителство во Приштина поднесе жалба на одлуката на Основниот суд, поради повреда на процесниот закон.

Обвинителството смета дека судот ја помешал истражната фаза со постапката за изведување докази, додавајќи дека ваквите пресуди на судиите се целосно погрешни, неприфатливи и штетни. Во претставката се наведува и дека судијата без никаква правна основа одлучил да не му даде можност на обвинителството да ги презентира резултатите од неколкумесечните истраги пред него.

– Во конкретниот случај обвинението и предлогот се целосно јасни и разбирливи, а фактичкиот опис е целосно во согласност со правната квалификација на кривичните дела, потпирајќи се на доказите врз кои се заснова обвинението и предлогот – се наведува во претставката.

Обвинителката Шерибана Сељими-Мучај му предложи на Апелациониот суд да ја усвои оваа жалба во целост и да ја поништи одлуката на Основниот суд во Приштина, бидејќи последиците во конкретниот случај се ненадоместливи за оштетениот, како и за спроведувањето на правдата.