Австралискиот актер Хју Џекмен на социјалните мрежи објави дека резултатите од биопсијата откако се посомневале дека има рак на кожата биле негативни.

„Биопсиите се негативни! Ви благодарам на сите за љубовта. Ја чувствувам“, објави актерот, познат по улогата во филмот „Wolverine“.

Џекмен оваа недела објави дека направил две биопсии по неодамнешниот медицински преглед, кога лекарот забележал нови промени на кожата и се посомневале во канцерогени клетки.

Џекмен првпат имал рак на кожата и го отстранил во 2013 година, а оттогаш имал најмалку шест интервенции, јавува Би-Би-Си.

Тој ја повтори својата порака за важноста на безбедното изложување на сонце, пишувајќи: „Ве молам не заборавајте да ставате крема со висок заштитен фактор, без разлика на сезоната!“.

Австралија има најголем број заболени од рак на кожа во светот, со повеќе од 11.500 дијагностицирани меланоми и околу 434.000 третирани за други видови на рак на кожа секоја година.