„Ти благодарам за се што направи за Машан и Марко. Се обиде да ги спасиш од олошот кој ве уби ни криви, ни должни. Се бореше за нив цел живот и сега повторно сте заедно“, се зборовите со кои Милош Мартиновиќ се прости од сопругата Наташа и двата сина убиени во крвавиот пир во Цетиње.

„Деца мои, вашето растење засекогаш ќе остане во моето сеќавање. Секогаш со вас. Ангелите нека ве чуваат“, пишува во некрологот.

Наташа Пејовиќ Мартиновиќ и нејзините синови Марко и Машан денеска ќе бидат погребани на локалните гробишта во Бајице. Потсетуваме, Наташа, инаку медицинска сестра и нејзините синови беа првите жртви на Вук Бориловиќ.

Семејството Мартиновиќ било потстанар во семејната куќа Бориловиќ.

Според официјалните податоци, Бориловиќ околу 15:30 часот влегол во живеалиштето на своите станари и на врата прво го убил единаесетгодишното момче, а потоа три години помладиот брат. На крај ја застрелал нивната мајка Наташа Мартиновиќ.

Откако ги убил, му се јавил на нивниот татко и сопруг Милош Мартиновиќ и му рекол: „Го убив твоето и моето семејство“, велат соговорниците на Вијести од Управата на полицијата.

Во следните 45 минути на вкупно 80 метри од својата куќа посеал смрт при што убил уште седум лица, а ранил шест. Неговото семејство не било во Цетиње за време на масакрот.