На жителите на Цетиње не им е јасно што правела полицијата и зошто чекала толку долго да го ликвидира, пишуваат медиумите.
-Имав среќа што не сум бил дома, зашто ќе бев убиен. Тоа траело премногу долго. Не знам што правела полицијата цел час. Сакале да преговараат со човек кој го загубил разумот, со такви не се преговара – вели жител на Цетиње.
Во домот на Владата во Цетиње се одржа комеморативна седница по повод трагедијата што го погоди тој град и во која загинаа 11 лица.
Комеморацијата започна со едноминутно молчење за жртвите, а беше речено дека Цетиње не е сам во својата жалост, туку дека тагува цела Црна Гора.
Градоначалникот на Цетиње, Никола Ѓурашковиќ истакна дека трагедија од невидени размери ги погодила Цетиње и Црна Гора и ги оставила сите во шок.
Осум лица ќе бидат погребани денеска
Жртвите од масакрот во Цетиње – Наташа Пејовиќ Мартиновиќ и нејзините синови Машан и Марко, Милан Митровиќ, Горан Ѓуришиќ, како и Димитрије, Даница и Рајко Дрецун ќе бидат погребани денеска.
Да потсетиме, тие загинаа во петокот попладне кога беа убиени во крвав поход од нивниот сосед Вук Бориловиќ, кој и самиот беше убиен истиот ден.
Првите жртви Наташа Мартиновиќ и нејзините синови ќе бидат погребани на локалните гробишта Бајице во 15 часот. Само еден час подоцна, на локалните гробишта во Цетиње ќе биде погребан нивниот кум Милан Митровиќ, кој отишол да види што се случува во куќата на Мартиновиќ.
Во Градац ќе биде погребан Горан Ѓуришиќ, вујкото на убиецот Бориловиќ кој загина обидувајќи се да го заузда својот внук.
Во Цетиње во 10 часот утринава се одржа комеморација за трагично загинатите сограѓани во масакрот што се случи во петокот. На комеморацијата присуствуваа роднините и пријателите на убиените цетињани, претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, премиерот Дритан Абазовиќ, градоначалникот на Цетиње Никола Ѓурашковиќ…
Вук Бориловиќ, да потсетиме, во петокот уби 10 сограѓани, а шестмина од нив рани пред самиот да биде убиен. Според медиумите пукањето траело повеќе од 45 минути. Во крвавата драма тој по случаен избор со ловечка пушка пукал во станари, соседи, екипа на Итната медицинска помош и припадници на полицијата кои дошле на местото на пукањето, како и случајни минувачи.
Обдукцијата покажала дека има најмалку пет влезни рани, а балистичките експерти и патолозите ќе проценат со кое оружје било пукано во Бориловиќ, а кои рани биле фатални.
Be the first to write a comment.