Американскиот рапер Кулио, кој се прослави со суперхитот „Гангстерски рај“ (Gangsta’s Paradise), почина на 59 години.

Неговиот менаџер Џерез Поси изјави дека Кулио бил пронајден онесвестен во куќата на негов пријател во Лос Анџелес, без да ја наведе причината за смртта. Сајтот ТМЗ објави дека најверојатно станува збор за срцев удар.

Роден како Артис Лион Ајви Џуниор, Кулио почнал да прави музика во 1980-ите, но го зацементираше своето место во историјата на хип хопот кога ја сними „Гангстерски рај“ во 1995 за филмот „Опасни умови“ со Мишел Фајфер. Оваа песна му донесе и Греми награда.

Во кариерата која се протегна низ четири децении, Кулио сними осум албуми и беше активен сè до смртта, па моментално беше на турнеја со неколкумина други ѕвезди од 1990-ите, како Ванила Ајс.