Два дена по страшниот масакр, Светлана Бориловиќ не може да поверува дека нејзиниот син Вук во крвавиот пир убил 10 луѓе, меѓу кои и две деца на своите станари, а на крајот и самиот бил убиен. Во исповед за српските медиуми, скршена од болка, таа истакнува дека е подобро што го нема повеќе, кога веќе направил такви злодела.

Таа вчера, додека граѓаните на Цетиње тагувале и ги погребувале жртвите и се молеле за закрепнување на шестмината повредени, за српски Телеграф изјавила дека Вук „имал прекин во филмот“ и дека се’ направил несвесен за страшните последици.

Несреќната жена во солзи вели дека ништо не ја навестувало трагедија и дека нејзиниот син не е подготвен да убие дури и еден човек, а камоли десетици возрасни сограѓани и две момчиња, негови станари, кои брутално ги застрелал на ручек.

– Без душа сум и не знам дали ќе ја преживеам оваа голгота. Како може ова од моето дете да ми се случи, цел град и држава да го зацрнам?! Зошто, синко, постојано се прашувам, а одговор никогаш нема да добијам – вели Светлана.

Таа додава дека Вук не бил проблематичен и со пороци, дека бил мирен човек кој изгледа пукнал поради малтретирањето на работа:

-Трпеше притисок четири-пет години, а работеше како шеф на обезбедувањето во Националниот парк Ловќен. Признавам, забележав дека е понервозен во последно време, но не правеше проблеми. Беше примерен и како татко на семејството и како сосед.

Едвај наоѓајќи зборови, Светлана нагласува дека нејзиниот син не бил во конфликт со ниту една од жртвите.

– Нашите станари Мартиновиќ се вселија пред само два месеци, никогаш ни „попреку“ не се погледнаа. Убаво се најавуваа кога ќе не сретнеа и тоа е тоа. Ниту со главата на тоа семејство Милош немал никаков конфликт, таман работа. Мојот син не се караше со сопругата или со некој друг од семејството. Имаше хармоничен брак и прекрасни деца. Сите овие луѓе ги уби во момент на нервен слом, што ја прави трагедијата и маките уште поголеми.

Монструмот од Цетиње, како што веќе го нарекоа медиумите, масакрот го извршил додека, според некои информации, сопругата и децата биле на море, а на неговото излегување од куќата со оружје во раце никој од поширокото семејство не бил сведок.

– Бев на работа. Ме донесоа дома кога се беше готово и кога и тој беше мртов, дури подоцна дознав што се случило, проклета да бидам. Подобро и него што го нема кога веќе изврши такво злосторството. Никој не може да знае како се чувствува мојата утроба со оваа болка, која ме снајде несреќна – заклучила Светлана за српски Телеграф.

Свекрвата крие каде е снаата

Мајката на убиецот одби да каже каде се сопругата на Вук, Линда и децата. Полицијата во меѓувреме ја известила јавноста дека неговото семејство не е на територијата на Херцег Нови, како што се наведува во првичните информации.

– Нема да зборувам за тоа. Полицијата може да ме сослуша и ќе им кажам се што знам, но јавно не можам ништо повеќе да кажам – изјави Светлана.

До 2015 година воделе идиличен живот

Вук Бориловиќ, судејќи по фотографиите од социјалните мрежи, живеел мирен семеен живот пред крвавиот пир. Неговата сопруга Линда (не се знае дали е од Чешка или Словачка) објави слики со сопругот и децата на Фејсбук, но и на заеднички профил. Таа снимила и кадри од нивната венчавка, но чудно е што последната објава датира од 2015 година.

Инаку, првите информации беа дека Вук неколку дена пред злосторството го испратил своето семејство во Херцег Нови, што доведе до заклучок дека планира масакр.

Сепак, полицијата во Херцеговина вчера соопшти дека Линда и децата не се во овој град.