Причината за несреќата на автобусот со српски деца во Бугарија се уште не е позната, но според локалните медиуми, вниманието на возачот го одвлекло тоа што сакал да му помогне на еден од патниците кој сакал да го регулира наслонот на седиштето. Возачот, наводно, ненадејно го свртел воланот надесно и излетал од патот.

Подоцна, еден од патниците во автобусот за bTV изјави дека во автобусот патувале 36 деца и 13 возрасни. Тие се од Белград и учествувале на фолклорен фестивал. На десет километри пред местото на несреќата, возачот застанал на бензинска пумпа за да се одмори.

Коловозот на автопатот бил влажен бидејќи непосредно пред несреќата врнело силен дожд во областа, а сообраќајот сега се одвива многу бавно бидејќи е дозволена само брзата лента. Формирана е колона од речиси 5 километри, за да можат да поминат екипите на Итната помош.

– Неколку лица се повредени денеска кога автобус со шабачки регистарски таблички со 38 деца и 11 возрасни лица од Србија се превртел во Бугарија, на автопатот Тракија, јавува Euronews Bulgaria.

Порталот јавува дека се хоспитализирани 17 патници, од кои најмладиот има шест години. Децата се враќале од Несебар и се членови на фолклорниот ансамбл ЈУ-ЛИРА од Србија. Повеќето се од Батајница, наведува бугарскиот портал и додава дека сите патници се државјани на Србија.

На местото на настанот пристигнале две возила на брза помош, пожарна и неколку полициски возила. Несреќата се случила на 216 километри од Софија, во близина на Стара Загора.