Веста за смртта на 16-годишниот Василис Топалос, европски шампион во бокс, предизвика шок во соседна Грција. Во последните неколку недели тој беше хоспитализиран во исклучително критична состојба на одделот за интензивна нега во болницата Цаниос.

Се потсетува дека тој беше тешко повреден за време на спаринг натпревари утрото во петокот на 16 декември во салата во Таврос.

Заменик-министерот за спорт, Лефтерис Авгенакис, веднаш побара од надлежните органи да се расветлат фактите, а Грчката боксерска федерација (ЕОП) преку соопштение информираше дека „веднаш ќе поднесеме тужба против сите одговорни, како и истрага за какви било кривични одговорности“.

Грчката боксерска федерација објави соопштение со сочувство по повод смртта на Василис Топалос, во кое се вели:

„Почина нашето златно дете, нашиот насмеан Василис, родениот шампион со срце од чисто злато. Неискажлива тага за семејството. Зборовите не можат да го искажат она што го чувствуваме, сите сме уништени. Секогаш ќе го паметиме со љубов и носталгија. Сочувство до неговото семејство и најблиските. Нека му биде лесна земјата што ќе го покрие. Засекогаш ќе биде во нашите срца“.

Младиот европски шампион важеше за еден од најголемите таленти во боксот со значајни одлики. Додека тренирал, му се слошило и застанал.

Тој отишол во тоалетот за да го освежи лицето со вода, а потоа доживеал несвестица. Меѓутоа, од падот со главата удрил во тврда подлога поради што изгубил свест. Според сопственикот на теретаната Никос Јидакос, кој зборуваше за инцидентот на protothema.gr, ударот го констатирало и вештачењето.

Немилиот настан прв го забележал друг боксер, Алик Лагазашвили кој кога го слушнал ударот од падот истрчал во бањата да види што се случува.

Веднаш го известил таткото на малолетникот и сопственикот на теретаната, кој веднаш се јавил во Итната помош, при што младото момче било префрлено во болницата Цанио.

Таму лекарите ја утврдиле критичноста на ситуацијата и потоа на младиот човек му била извршена операција на главата за отстранување на хематом.