Многу жители од околните места ги вознемири веста дека црн пантер шета на границата меѓу Србија и Хрватска.

Од загрепската зоолошка градина тврдат дека црниот пантер воопшто не постои како вид и дека тоа се претежно јагуари со меланизам, пишува Дневник.хр.

За потсетување, компанијата Војводински шуми и државните служби на Србија ги предупредиле граѓаните на војводинскиот град Апатин, на границата со Хрватска, дека во нивната област е забележан црн пантер и да бидат внимателни. Од компанијата ги информирале граѓаните дека „предаторот е крајно опасен“ и дека треба „да се грижат за себе и за своите соседи“.

„Доколку некој забележи црн пантер, потребно е веднаш да ја извести соодветната полициска станица“, стои во известувањето потпишано од претставникот на шумското стопанство во Сомбор, Срѓан Пеурача.

Весникот „Нов апатинац“ наведува дека во потрагата по пантерот се вклучени сите институции, здруженија и организации, а известени се сите надлежни служби и поединци и подготвени се кафези, мамки и стапици.

„Проблемот е што се работи за голема површина и што има многу храна за пантерот. Има неколку извештаи дека е виден, но освен една матна слика од неговата силуета и стапалки, нема други докази. Сепак , на потерата ѝ се пристапи максимално сериозно“, вели изворот на тој весник.

Новосадскиот весник „Дневник“ пишува дека наводно се работи за животно кое побегнало од заробеништво пред повеќе од една година. Откако во српската јавност осамна веста за појавувањето на црниот пантер, се испостави дека ѕверот првично бил виден дваесет дена порано, но дека никој не сакал јавно да зборува за тоа, поради страв од потсмев.

Весникот пишува дека жителите на соседниот град Сонта го виделе животното и неговите траги. Градовите Апатин и Сонта се опкружени со природниот резерват Горње Подунавље, на источната страна на реката Дунав, која е природна граница меѓу Србија и Хрватска.

Објавено е видео на кое наводно се гледа пантер, а датира од пред 10 месеци.

Петар Сладиќ, жител на селото Сонта, кој го забележал животното од семејството мачки, за Дневник во Нови Сад изјавил дека му е грижа бидејќи неговите деца често сами возат велосипед во околината, во шумата и полињата. Тој вели дека во разговор со еден од тамошните ловџии потврдил дека се работи токму за овој животински вид.

„Преку термални двогледи, кои даваат малку изменета слика, овој ловец здогледал животно кое било многу поголемо од волк, кое исто така го нема на нашите простори, но со многу долга опашка која го карактеризира овој тип мачки, па затоа и не се сомнева дека станува збор, во најмала рака, за животно кое не е од нашето подрачје“, изјавил Петар.