За сега во стабилна состојба е битолчанецот кој испил корозивно средство што му било послужено наместо минерална вода во кафуле. Тој е веќе трети ден хоспитализиран на Клиниката за Токсикологија каде се следи неговата состојба.

Како што рече директорот на клиниката, Ридван Бајрами, пациентот бил примен во тешка состојба. Тој додаде дека постои можност состојбата да му се влоши.

-Направени се ендоскопски испитувања кои покажаа дека горниот дигистивен тракт е оштетен. Ќе видиме наредните денови како ќе се одвиваат работите, бидејќи тоа е патологија која се развива. Оштетувањето не е акутно, туку се развива – рече директорот.

Од таму додаваат дека засега пациентот е со стабилни витални параметри. Тој се жали на болка, но докторите велат дека во такви ситуации болката е нормална. Прима терапија за корозивна интоксикација и се чекаат резултатите од Институтот за судска медицина каде се вршат испитувања.

Битолчанецот се затру откако испил раствор за машинско перење на садови во кафуле.