Ламбе Алабаковски пријавил дека му го украле велосипедот, истиот со кој отишол до бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ чии врати ги полил со течност и запалил, дознава „Скопје 1“. Според неофицијални информации, тој во полиција наводната кражба ја пријавил истиот ден кога и го сторил делото, кое го призна пред два дена. Сепак, велосипедот не бил украден бидејќи МВР објави дека бил најден во домот на Ламбе при претресот.

Неофицијално, токму пријавата на Ламбе кој во полиција дал и опис на велосипедот, им била од голема помош на службениците за да откријат дека тој го предизвикал пожарот. Кога направиле споредба на украдениот велосипед, со велосипедот кој го возел тогаш осомничениот а се гледал на снимките од видео надзор, трагите ги однеле до пејачот. Засега официјална потврда за ова нема.

Според информации на „Скопје 1“, Алабаковски наводната кражбата ја пријавил истиот ден кога го опожари бугарскиот клуб. По три денови, кога се правел претрес во два објекти кои се поврзуваат со пејачот, велосипедот бил пронајден.

Дека маж со велосипед го опожарил објектот, прва објави бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска. Генчовска на записите на една од безбедносните камери можела да види маж кој безбедно пристигнал со велосипед, извадил туба со запалива течност и мирно ја истурил течноста пред вратата од куќата.