Десет лица физички нападнале полицаец кој не бил на должност во Босна и Херцеговина и сериозно го повредиле, соопшти денеска полициската управа во Зворник, пренесуваат босанските медиуми.

Во полициската станица Братунац утрово во 03.10 часот било пријавено дека полициски службеник чии иницијали се М.Ј. во Бјеловац, општина Братунац, додека управувал автомобил, бил пресретнат од две возила од кои излегле десет непознати лица и физички го нападнале и го удирале со палки.

Напаѓачите го повредиле полицаецот и му го оштетиле автомобилот. Повредениот полицаец е префрлен за укажување лекарска помош во болницата Зворник.

За овој настан бил известен дежурниот обвинител на Окружното јавно обвинителство Бијелина, кој изјавил дека се работи за кривично дело телесна повреда и оштетување и одземање на туѓ имот.

Полициските службеници на Полициската управа Зворник под надзор на Окружното јавно обвинителство Бијелина ги преземаат сите мерки и дејствија од нивна надлежност со цел откривање на сторителите на овие кривични дела.