Осум од девет лица кои биле задржани на Воено-медицинската академија во Белград (ВМА) поради труење од печурки купени на пазарот во Шабац во Србија се во тешка состојба, соопшти воената болница за Танјуг.

Од ВМА велат дека во меѓувреме еден пациент од Белград е пуштен дома, пишува Телеграф. ВМА вчера објави дека пациентите од Шабац купувале печурки од неовластен продавач и ги консумирале мислејќи дека се лисичарки и вргањи.

Полицијата во Шабац вчера уапсила 72-годишна жена поради сомнение дека изминативе денови продавала печурки, од кои кај неколку лица се појавиле симптоми на труење, соопшти српското МВР.

„Предупредување до сите оние кои користат печурки за храна, како и собирачите на печурки, е да бидат крајно внимателни бидејќи одговорноста за здравјето и личната безбедност е на секој што бере и јаде диви печурки“, предупредува Националниот центар за контрола на отрови во ВМА.

ВМА предупредува дека само со хемиска анализа може точно да се утврди токсичноста на печурките и дека без добро познавање на печурките не треба да се почне со нивно берење, пренесува Телеграф.

„Погрешно е мислењето дека постојат целосно идентични јадливи и отровни печурки и дека може да се препознаат по одредени карактеристики“, предупредуваат од ВМА.

Според неофицијални информации, во болницата ноќеска било примено цело семејство од Шабац со симптоми на труење, а претходно во текот на денот едно лице било хоспитализирано со истите симптоми.

На продавачката ѝ се заканува затворска казна

Осомничената продавачка на печурки М.Г.(72) од Ќуковина ќе одговара за тешко кривично дело против здравјето на луѓето за што ѝ се заканува казна затвор од една до осум години, дознава „Политика“.

Таа добила притвор до 48 часа и допрва треба да биде сослушана од обвинителството. Според Јелена Алексиќ, заменик основен јавен обвинител и портпарол на Основното јавно обвинителство Шабац, таа ќе биде сослушана согласно законските одредби поради сомнение за сторено тешко кривично дело против здравјето на луѓето од член 259 став 1 во врска со чл.256 ст. прв од Кривичниот законик (КЗ).

Станува збор за кривично дело производство и пуштање во промет штетни производи, за што е предвидена затворска казна од шест месеци до пет години и парична казна. „Ова дело го прави тој што произведува за продажба, продава или пушта во промет штетни прехранбени производи, храна или пијалок, лекови или медицинско помагало или други штетни производи“, се наведува во член 256 од Кривичниот законик.

Ова кривично дело може да има и многу тешки последици – доколку има сериозни оштетувања на здравјето, во тој случај предвидена е затворска казна од една до осум години. Доколку е сторено несовесно, предвидена е санкција до три години.

Доколку дојде до смрт, а се надеваме дека тоа нема да се случи и дека сите затруени пациенти ќе оздрават, законот предвидува казна затвор од две до 12 години, а ако делото е сторено од небрежност – од една до осум години (тешко кривично дело против здравјето на луѓето, член 259 од КЗ). Во тој случај надлежно би било Вишото обвинителство.