На малолетничката (17) која е осомничена дека учествувала во убиството на Ранко Радошевиќ, познат како Ескобар, одредена ѝ е мерка притвор до 30 дена, а се товари за кривично дело тешко убиство во соизвршителство, дознава „Блиц“. Оваа девојка вчера е уапсена заедно со Стефан З.(28) и Лука В.(25) во изнајмен стан во Нов Белград.

Според „Блиц“, станот се наоѓал на приземје од зградата, а зградата и околината не биле покриени со камери. Се претпоставува дека тие избрале таква локација за да не бидат забележани, но и за полесно да избегаат од станот на приземјето. Инаку, станот во кој се криеле го изнајмиле преку оглас „стан за ден“.

Да потсетиме, Радошевиќ беше убиен на 9 март кога беше застрелан додека седел во кафуле на бензинската пумпа во Рушње. Двете маскирани млади момчиња со качулки и маски беа снимени на камерите за видео надзор.

Убиениот Ранко Радошевиќ Ескобар наводно бил член на кланот на Горан Мијатовиќ од Бежанија, ликвидиран во Белград и водач на кланот Никшиќ кој соработувал со кланот Скалјар на чело со Јован Вукотиќ.

Радошевиќ бил доведен во врска и со Вељко Беливук и Марко Миљковиќ, кога кај нив бил пронајден автомобил регистриран на негово име.

Ескобар продавал возила, а клиенти му биле луѓе од подземјето. Како што пишуваше „Блиц“, обичните возила ги преобразувал во оклопни возила и со тоа ја зголемувал нивната вредност.