Владимир Сунгоркин, главниот уредник на рускиот весник „Комсомолскаја правда“ близок на Кремљ, почина на 68 години додека бил на службен пат на далечниот исток на Русија. Од весникот кажаа дека на Сунгоркин ненадејно му се слошило и веруваат дека е во прашање мозочен удар.

Основан во 1925 година, „Комсомолскаја правда“ се опишува како омилениот весник на Владимир Путин. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека смртта на Сунгоркин е голема загуба за Русија.

Сунгоркин почнал да работи во весникот во 1976, а од 1997 беше негов главен уредник и генерален директор. Во 2014 го прими Орденот за заслуги за татковината и потоа беше прогласен за почесен новинар на Руската Федерација.

Во април, Сунгоркин се најде меѓу руските државјани за кои ЕУ воведе санкции како одговор на руската инвазија на Украина.