Утрово во Италија е уапсен мафијашкиот шеф Матео Месина Денаро, пренесуваат тамошните медиуми. Тој беше во бегство од 1993 година и се смета за еден од најозлогласените криминалци во светот.

Денаро е уапсен во клиниката „Мадалена“ во Палермо, во акција која ја спроведоа карабинерите, а ја координираа Маурицио ди Лусија, обвинител од Палермо, и Паоло Гвидо, заменик обвинител.

Денаро е осуден на доживотен затвор за десетици убиства, за масакрите од 1992 година во кои беа убиени судиите Фалконе и Борселино и за нападите во Милано, во Рим и во Фиренца во 1993 година.

Магазинот „Форбс“ го прогласи за еден од 10-те најбарани криминалци во светот.