Жителите на општина Чаир, Бутел и околината, меѓу кои и некои училишта и здравствени установи, од вчера се без парно греење. Топланата „Север“ не може да снабдува со греење 500 објекти кои се под нејзин чадор. Директорот на топланата Куштрим Рамадани вели дека не може да обезбеди гас бидејќи во буџетот нема ни 1000 евра.

„Вчера поради немање финансиски средства „ГАМА“ не исклучи од гасоводниот систем по налог на нашиот снабдувач „Промгаз“, па не можеме да произведуваме топлинска енергија и да ги снабдуваме граѓаните.“, вели Куштрим Рамадани.

Рамадани побарал помош од ЕСМ и Владата, но не добил позитивен одговор. Вели дека се дискриминирани бидејќи ЕСМ одвојува средства само за двете други топлани.

„Изминативе денови со владина одлука повторно беа доделени средства за две други топлани, од каде што издвојуваат средства за набавка на топлинска енергија од „ТЕ-ТО“ за другите две топлани, а на 10-ти добивме негативен одговор со понудата што ја направивме до ЕСМ за договорот. Нашата понуда е каква што беше од почетокот, како што кажавме, цената што ја одобрува РКЕ, која е некаде околу 68 денари за метар кубен гас, и реалната цена што е на пазарот што ја купуваме, т.е. разликата да се компензира на начин да бидеме ликвидни и да плаќаме за гасот.“, рече Рамадани.

Запрашан за проблемот, директорот на ЕСМ Васко Ковачевски пред неколку дена му наложи на Рамадани да ги среди формално-правните работи, со РКЕ и други правни прашања и потоа да го потпише договорот за техничко-деловна соработка. За да и помогне на топланата со 1 милион евра, од ЕСМ бараат „Скопје Север“ да обезбеди имот, но Рамадани вели дека нема да потпише таков договор бидејќи е незаконски.