Четири месеци по страотниот пожар во семејната куќа во Пругово (Хрватска), во кој со тешки повреди се здоби и Анте Бобан, тој почина во вторникот во болница во Загреб каде лекарите се бореа за неговиот живот.

Неговата бремена сопруга Сања Нешиќ Бобан почина во Клиничката болница во Сплит осум дена откако беше повредена во страшниот пожар, а почина и нејзиното неродено бебе.

Трагедијата се случи на 26 февруари годинава околу 10.30 часот кога во куќата избувна пожар од печка која работела на масло за греење. Во куќата биле 31-годишната Сања и нејзиниот шест години постар сопруг Анте. Огнот ја зафатил Сања, а сопругот успеал да ја извлече. Во пожарот куќата била целосно уништена.

Сања и Анте го оставија зад себе тригодишниот син Лука, кој за среќа тој ден не бил дома. За него сега се грижи семејството. Од Анте се простија и пожарникарите од општината Клис, чиј член беше Анте.

– Со голема тага соопштуваме дека почина нашиот долгогодишен член Анте Бобан. Во 2006 година се обучува за пожарникар и оттогаш активно учествува во оперативната работа на нашето друштво. Анте, многу ти благодариме за пријателството, придонесот и дружељубивоста што ни ги даваше. Засекогаш ќе останеш во нашите срца, напишаа неговите колеги и пријатели.