Граѓанин на социјалните мрежи предупредува за небезбедност на планинскиот превој Плетвар. Според него, ја нема потребната сигнализација, освен еден работник кој со мобилен телефон ги насочувал возилата во еден дел од патот.

– Синоќа го возев Плетвар. Ако не е нужда, немојте. Невероватно небезбедно, без сигнализација (освен еден работник кој со мобилниот не насочуваше во еден дел од патот!!!) Невиден јавашлук!, напиша утрово корисник на социјалната мрежа Твитер.

АМСМ утрово им порача на возачите да возат внимателно, а сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Конкретно за планинскиот превој, АМСМ соопштува дека ќе има пренасочување на сообраќајот по две коловозни ленти, возачите треба да ја следат поставената патна сигнализација и да возат со намалена брзина при поминување на работната делница.

– „Стентон градба ДОО“ известува за времена измена на режим на сообраќај на државен пат крак А1 ,делница Градско – Прилеп (Фариш-Прилеп), поточно после мостот на р. Раец кон Плетвар заради градежни активности од 02.03.2022 г. во врска со проект Рехабилитација на државен пат А1,Делница Фариш-Прилеп и ќе трае во наредните 12 месеци. Поради изведување на градежните работи ќе има пренасочување на сообраќајот по две коловозни ленти, возачите треба да ја следат поставената патна сигнализација и да возат со намалена брзина при поминување на работната делница, се вели во соопштението од АМСМ утрово.