Во селото Штивор кај Прњавор се самоуби младиот Горан К. (19), а луѓето на социјалните мрежи се збогуваат со него бидејќи 19-годишникот бил познат како голем заштитник на напуштените животни.

Трагедијата се случила во четвртокот вечерта, а како што пишуват медиумите – на се’ претходела вистинска драма, бидејќи поради напуштените, често болни и повредени кучиња за кои се грижел Горан, некои соседи „кренале хајка“ против него и поднеле петиција кучињата да бидат отстранети од селото.

– Тие се злобници, го отераа мојот Горан во смрт, поради нив моето ангелче крена рака на себе. Имаше 15 свои кучиња, останатите беа од улица. Се случуваше да собере и до 50, сите од нив ги хранел, лекувал и чувал, без никаква материјална корист, од чиста љубов. Со своите пари им купуваше лекови и храна, изјавила неутешната мајка за медиумите од Република Српска.

Ситуацијата се искомплицирала кога поради петицијата на соседите, во селото пристигнала комуналната полиција која соопштила дека „за два дена ќе дојдат и ќе ги однесат сите кучиња“, односно дека момчетo може легално да задржи само две.

Смртта на овој млад човек од Штивор предизвика вистинска бура на социјалните мрежи. Заштитниците на животните од цела БиХ ги повикаа граѓаните утре во 13 часот да дојдат во Прњавор и да го испратат Горан на своето вечно почивалиште.

Оние кои не можат да дојдат на погребот беа поканети да се соберат во 13 часот пред црквата „Христос спсителот“ во Бања Лука и да му оддадат едноминутно молчење. Многумина се јавија, а од повеќе градови во БиХ и регионот беше испратена порака дека за него ќе се палат свеќи и во другите православни храмови.

„Денес е еден од најтажните денови за напуштените животни. Горан К. си го одзеде животот. Си го одзеде животот бидејќи на неполни 20 години не можеше да го издржи притисокот на оние кои постојано го пријавуваа. Тие испратија полицијата на врата поради четириесеттина кучиња кои ги сакаше со сето срце, за кои се грижеше дење и ноќе. Кои ги носеше дома болни, повредени, крвави и вложи максимални напори да им обезбеди лекување и убав живот. Секој ден му се закануваа дека ќе ги одземат. Денеска победија тие што ги мачат животните. Единствена утеха е што од сега ќе имаат вистински ангел кој ќе ги сретне кога ќе не напуштат“, велат од здружението „Ваг Ваг“.