Силен земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала ги погоди Соломонските Острови пред неколку часа, јавува Американскиот геофизички институт (УСГС), а очевидци известуваат за потрес од кој паѓале телевизори и други предмети.

Издадено е предупредување за цунами за област на околу 300 километри од епицентарот на земјотресот, на 55 километри од Хонијара, главниот град на Соломонските Острови. Но, Пацифичкиот центар за предупредување од цунами (PTWC) подоцна соопшти дека заканата е „значително“ намалена.

„Се чини дека сите се добро“

„Тоа беше голем“ потрес, изјави Џој Ниша, рецепционер во хотелот „Херитиџ Парк“ во Хонијара за АФП, додавајќи дека „некои предмети во хотелот паѓале. Се чини дека сите се добро, но исплашени се“.

Новинар на АФП во главниот град рече дека тресењето траело околу дваесет секунди. Во некои делови од градот снемало струја, а луѓето избегале од канцелариите на повисоките места.

УСГС првично објави дека земјотресот бил со јачина од 7,3 степени. Земјотресот се случил на длабочина од 13 километри во 13:03 часот по локално време (03:03 часот по средноевропско време).