Секој што бил на море во Грција сигурно видел редови со бели куќи со сини покриви и прозорци, а ова е особено честа појава на Миконос, Санторини и другите острови во архипелагот Киклади. Верувале или не, куќите не се обоени во овој стил затоа што Грците имаат сино-бело знаме.

Всушност, причината е од многу попрактична природа и е поврзана со епидемијата на колера.

Според „Грик рипортер“, повеќето куќи на Наксос, Парос и другите острови од архипелагот Киклади се направени од камен, бидејќи на островите овој материјал бил подостапен од дрвото. Но, недостатокот на овој материјал бил фактот дека е темен, поради што куќите од камен ги привлекувале сончевите зраци. Како резултат на тоа, во нив било многу топло во текот на летото.

За да си го олеснат животот во овој период од годината, многу сопственици одлучиле да ги обојат во бела боја. Ова е една од причините што ја објаснува зачестеноста на белата боја на зградите во Грција.

Белата боја служела и за друга цел во текот на 30-тите години кога во Грција владеела епидемија на колера. Имено, во 1938 година, за време на владеењето на диктаторот Јоанис Метаксас, на секој жител му било наредено да го обои својот дом во бело со цел да се запре епидемијата. Причината за изборот на оваа боја лежи во тоа што порано белата боја била изработена од варовник, кој во тоа време се користел за дезинфекција.

Што се однесува до сината боја на куќите, таа почнала да се појавува истовремено затоа што содржела и варовник, а покрај тоа била и поевтина.

Триесет и шест години подоцна, во Грција и понатаму владеела воена диктатура, а жителите на архипелагот Киклад и на многу други острови добиле нов декрет. Нивните куќи морале да бидат обоени во бело и сино од патриотски причини.

Овие прописи повеќе не важат, но многу куќи во Грција и понатаму ја задржуваат оваа комбинација на бело и сино. Во меѓувреме, таа стана препознатлив стил на оваа земја и е еднакво добро прифатена од локалното население и од туристите.