Руските власти денеска потврдија дека е приведена Дарија Трепова, осомничена дека е вмешана во експлозијата во кафулето во Санкт Петербург, во која загина воениот известувач Владлен Татарски. Претходно руските медиуми објавија дека по Трепова е распишана потерница.

Истражниот комитет покрена кривична постапка, а Трепова е осомничена дека го убила Татарски давајќи му една гипсена фигурина во која според првичните податоци најверојатно имало и подметната експлозивна направа.

Во експлозијата во Street Bar во центарот на Санкт Петербург загина познатиот блогер, воен известувач Владлен Татарски, а според последните информации 32 лица се повредени.

– Таа веќе и беше позната на полицијата, бидејќи беше приведена на протест на 24 февруари минатата година. Потоа добила 10 дневен притвор, додека на сопругот деветдневен притвор поради носење транспарент. На нејзиниот сопруг му се изгуби трагата.

Медиумите објавијa и фотографии кои ги доставил еден од учесниците на собирот, на кои се гледа млада жена за која се верува дека му ја дала статуетката на Татарски.

На апликацијата „Телеграм“ се појавија видеа на кои се гледа како лице му ја подава статуетката во кафуле, но се уште не е официјално потврдено дали во неа навистина имало експлозив.

Според очевидци, Дарија ја донела статуетката во кафулето, која му била предадена на блогерот, по што дошло до експлозија.