Оставката на директорот на ЕСМ Васко Ковачевски и неговиот развод денеска неочекувано станаа топ тема на социјалните мрежи. Во низата реакции со свој коментар се јави и новинарката Јорданка Ивановска- Јоци, која напиша:

– Како што се лизга власта на СДСМ и одат на буниште на историјата, така некако горчливо завршуваат и вештачки одржуваните бракови за политички цели на нивните неизживеани функционери кои трчаа по моќ и брда пари. А, потоа паѓаат како круши.

Во оваа политичко-медиумска изјава со ,,деца” во наслов, а потоа и јавната одмазда на сопругата на екс директорот на ЕЛЕМ, за жал, жртви се децата.

И очигледно двајцата не сфаќаат дека си ги искористиле сопствените деца додека трупале кеш, а на крај ги фрлиле како ,,храна” на малограѓанството. Како што се и самите, имено, со вакви ,,булеварски” испади. И којзнае што создале од нив додека трупале кеш и ги оставале децата по страна, како што се сфаќа од напишаното од сопругата.

Тоа е, што е. Ќе читаме уште многу вакви малограѓански глупости до избори и потоа, напиша Јоци.

– Ковачевски ме информираше дека заради лични причини поднесува оставка од генерален директор во АД ЕСМ. Разговаравме уште минатата година, заради големите работни обврски сака да се посвети на семејството. Утрово усмено до мене достави оставка, ќе биде усвоена на следна седница на Влада. Од Влада ќе биде препорачано нов директор да биде избран Васко Стефанов, менаџер по техничка логистика, со големо искуство – изјави денес на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски, по повод најавеното заминување од функција на директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

Неговата изјава дека прво ќе искористи 20 дена од одморот кој му следувал, а потоа ќе се посветел на семејството и неговите две деца, кои имале потреба од него за дообразование, иден раст и развој, беше објавена денес во повеќе медиуми.

Сепак, по ова следуваше и јавна реакција од Мери Ковачевска Димовска, која на социјалните мрежи тврди дека веќе му е поранешна сопруга и како тој одамна го напуштил семејството.

„На кое семејство ќе му се посвети? На децата кои се возрасни и последните 15 години ги гледаше по два часа во неделата. Официјално разведен од 6-ти март 2023 година. Татко не можеш да се правиш на 27 и 21-годишна возраст, татко си цел живот! Твоите лажни филмови рекламирај ги на друго место, а не по сите портали. Ти одамна го напушти ова семејство, порача Димовска во нејзината јавна објава.

По заминувањето од директорката функција, Ковачевски останувал во ЕСМ, но уште не се знаело каде ќе биде неговото место во компанијата.