Пријави за наводно подметнати експлозивни направи во училиштата во Црна Гора испратил малолетник државјанин на Чешка кој не е поврзан со Црна Гора, соопшти Управата на црногорската полиција.

„Полициската управа ја информира јавноста, особено родителите на основците и средношколците, како и воспитувачите, кои беа директно погодени од лажните пријави за бомби во училиштата низ Црна Гора во последните два дена, дека успешно одговори на овој комплексен предизвик и овој пат“, се наведува во соопштението.

Црногорската полициска управа им се заблагодари на меѓународните партнери кои преку размена на информации, обуки и соработка помогнаа да се постигнат вакви резултати, како и на чешката полиција и на амбасадата на Чешката Република во Црна Гора кои дејствуваа брзо и ефикасно.

Од УП потсетија дека во последните шест месеци имало десет лажни дојави за бомби во училиштата и другите институции и соопштија дека најголемиот дел од овие случаи се решени со идентификуваните сторители, односно оперативни податоци преку кои може да се дојде до сторителите во следниот период.

„Со загриженост укажуваме дека се работи пред се за малолетници, а имало и случаи кога лицата биле помлади од 14 години. Напоменуваме дека овие и слични активности, користење на еднократни мејлови, како и некои интернет страници за анонимизирање и камуфлирање на ИП-адреси се поприсутни, особено при извршување на кривични дела од областа на компјутерскиот криминал, но дека преку меѓународна соработка и достапни услуги за припадниците на безбедносните служби, може да се добијат конкретни податоци преку кои лицата кои извршиле кривични дела или прекршоци можат да бидат идентификувани целосно или делумно“.

Додаваат дека овој проблем е уште поизразен во земјите од регионот, но и според последните известувања од Европол и во земјите од Европската Унија.

Полициската управа и другите фактори од безбедносниот сектор ги преземаат сите мерки и дејствија за откривање на сторителите на кривични дела и прекршоци, како во реалниот простор, така и на интернет“, велат од црногорската полициска управа.