Виолета Томовска (78), првата дама на македонската народна музика, пред неколку денови одликувана со Медал за заслуги од претседателот Пендаровски за афирмација на македонското музичко творештво, на 38 години во екот на популарноста, се разболе од рак на двете дојки.

Четириесет години подоцна, иако во пензија, по 60 години кариера, здрава и полна со енергија, со помош на антиканцер здружението „Животна искра“ им помага на жени, мажи и деца заболени од едно од најсмртоносните болести на денешнината. По повод одбележувањето на Октомври како месец за борба против ракот на дојката, нејзината животна приказна, одново е актуелна.

– Откако го победив ракот, не мислам на болеста. Мислам само на позитивни работи, главата колку што можам ја полнам со позитивни мисли, се дружам со семејството, пријателите и им помагам со совети и поддршка на заболените од канцер. Без оглед дали станува збор за рак на дојка и на други органи или за други болести, заболениот човек треба да расчисти сам со себе и да ги избегнува негативните емоции. Болеста не прашува за години и пол. Може секому да му се случи. Колку и да е тешко таа да се прифати, па и малигна да е, најважно е соочувањето и борбата со неа. За жал, во изминативе неколку години бројот на заболените од рак е во пораст. Причините за неговата појава се многубројни, а тоа што секој мора да го знае е дека и покрај безизлезната состојба во која запаѓа болниот, има надеж, а таа се наоѓа во него. Некои од жените просто се изненадени од моментот дека и ним тоа им се случува и не знаат што понатаму. Првиот шок поминува, дијагностицирање, операција… Многу е битна поддршката на семејството, вели за „Независен“, Томовска.

Разговорот со психолози и со пријателки е, исто така, важен во борбата против ракот.

– Жените треба да се едуцираат за важноста од рано откривање на ракот на дојка, што е едно од главните предуслови за негово излекување и да не молчат, туку да ја споделат својата мака. Себеси често се ставаме на последно место, а кога нам ни се случува она што мислиме дека само на друг му се случува, сфаќаме дека здравјето мора да ни биде на прво место во животот и дека редовно мора да одиме на прегледи, зашто превенцијата е најважна. Мојот рак беше во поодмината фаза, ама имав среќа, но и ги сменив животните навики. Сега поздраво се хранам, не пијам алкохол, многу овошје и сварен зеленчук. И секако, позитивна мисла, вели Томовска.

Од рак на дојка во Македонија годишно умираат 279 жени, или 27 на 100.000. Најголем број од смртните случаи се на возраст од 55 до 59 години.

Ракот на дојка е второ малигно заболување кај жената, но доколку се открие во рана фаза, значително се намалува процентот на смртност.