Подводен дрон треба да помогне во потрагата за лоцирање на 28-годишното момче од Северна Македонија кој од саботата е исчезнат на Халкидики, кога додека пливаше со двајца негови пријатели, беше однесен од силни морски струи, на плажата Мити во Посеиди, пишуваат грчките медиуми.

Претседателот на доброволниот спасувачки тим на OFKATH, Христос Рамос, во изјава за newsit.gr вели дека роботската подморница ќе биде ставена во функција утре и ќе може да достигне до дното, штом ќе се намали интензитетот на ветровите.

Денеска властите и волонтерските групи истражуваат само на брегот на Скиони во Посеиди, бидејќи дува силен ветер од 5 бофори.

Христос Рамос објаснува дека временските услови се како оние што преовладуваа во саботата и поради оваа причина, како што вели за newsit.gr, „чамците и крајбрежната стража не можат да работат, а надвор имаме само луѓе, во случај морето да го исфрли телото на младиотчовек“.

– Разговаравме со ОПС Центарот, мислам дека работите ќе бидат подобри утре според временските услови за да можеме да го ставиме подводниот дрон да пребарува. Го имаме подготвено и ќе се обидеме утре ако ветрот стивне. Се трудиме да го направиме најдоброто за момчето, вели Рамос.

Рамос вели дека се во контакт со конзулатот и информира дека вечерва ги очекуваат мајката и братот на 28-годишникот кои живеат во Америка.