Веќе два дена минуваме низ навистина претежок период кој не се опишува со зборови, со огромна надеж дека нашиот Мартин ќе биде пронајден жив и здрав.

Истовремено, читаме дека се објавија голем број на шпекулации и претпоставки во медиумите, затоа би сакале да ја кажеме вистината – за ,,Фокус” раскажува блиска роднина на Мартин, момчето од Скопје кое исчезна заедно со двајца другари во водите на плажата ,,Мити” во Посеиди, Халкидики, во саботата попладне.

Двајцата другари беа пронајдени и се добра состојба.

Идентитетот на роднината на Мартин е познат на редакцијата на ,,Фокус”.

-Мартин е роден 1991 година, значи тој нема 28 години како што се пишува, туку има 30 години. Голема невистина се објавите дека Мартин бил слаб пливач. Апсолутно не е точно! Тој е одличен пливач, во минатото вежбаше и балет, значи има силна мускулатура на нозете и на телото. Тоа ни дава огромна надеж дека се ќе биде во ред, дека можеби се наоѓа на некој брег… Исто така, Мартин не живее во Америка и не беше дојден овде од Америка на летување. Тој живее и работи во Скопје, а пак неговиот брат живее во Америка.

Мартин живее заедно со мајка му, татко му почина пред осум години. Во периодот кога се случи исчезнувањето, неговата мајка беше во Америка, во посета на брат му. За прв пат отиде да го посети синот… По настанот, таа тргна кон Грција, патуваше со авион 17 часа до Цирих. Сега секој момент треба да слета во Грција, ќе ја пречека македонскиот конзул и пријатели – вели нашата соговорничка.

Додава дека сите се потресени од настанот, но надежта не ги остава. Појаснува дека Мартин заминал со десеттина другари во Грција во саботата, истиот ден кога се случи настанот. Подолг период го планирале патувањето на кое сакале да го прослават роденденот на нивниот пријател Иван, момчето кое беше спасено по околу 19 часа минати во морето.

– Плажата ја гледав на фотографии, изгледа волшебно, безопасно. Момчињата, колку што сум информирана, планираа да останат околу три дена. Во моментот на настанот, тие биле во плиткото, се случило наеднаш, едноставно водата ги земала, а брановите станале многу силни… Иван скокнал да го дофати Мартин, но водата го однела и него. Денес ги пребарувале бреговите, утре ќе се трага со дрон под вода, мајката на Мартин треба да потпише согласност, и ако не го најдат, толку е, истрагата завршува.

– Многу ни е тешко, но сепак сакавме да се знае вистината. Посакуваме и се надеваме дека Мартин стигнал до некое копно, дека се ќе биде во ред. Останатите момчиња веќе се во Скопје, разговаравме, се надеваме да ни се врати и нашиот Мартин жив и здрав- порача роднината на младото момче.