Шефот на „Царски волци“, група на воено-технички експерти, Дмитриј Рогозин најави испраќање на четири борбени роботи од типот „Маркер“ во, како што рече, „зоната на специјална операција во Украина“, пренесуваат медиумите во Русија.

„Извршниот директор на „Андроидна техника“ од Магнитогорск, Евгениј Дудоров објави дека почнало товарање на четири беспилотни „маркери“ кои ќе бидат испратени во Донбас. Ги очекуваме“, напиша Рогозин на Телеграм.

Рогозин претходно најави оти роботите ќе учествуваат во борбите, откако ќе бидат тестирани на полигон. Тој додаде дека роботот „маркер“ ќе може автоматски да уништува тенкови „Леопард“ и „Абрамс“ и други машини, со помош на електронски каталог во контролниот систем со фотографии од непријателска техника.

Роботот „Маркер“ е производ на компанијата „Андроидна техника“, заедно со Фондот за перспективни истражувања. „Маркерот“ е тежок околу три тони и има најнапредни вештини за автономно движење, а објектите ги препознава со помош на технологија на вештачка интелигенција.

Автономијата на платформата е обезбедена со модуларен мултиспектрален систем во кој податоците се обработуваат со помош на алгоритам на невронска мрежа.

📸

📸

📸

📸

📸