Во масовна престрелка што се случила синоќа нешто пред полноќ во ресторан во близина на босанскиот град Зворник, едно лице загина, а три други се повредени.

Како што потврдија за Klix.ba од полициската управа Зворник, пукањето се случило во ресторан на „Кисељачки пат“.

– ПУ Козлук синоќа околу 23:05 часот добила пријава дека во Општата болница Зворник се примени четворица пациенти со прострелни рани. Од повредите едно лице починало, а останатите три се задржани на лекување. Еден од нив е во тешка состојба, потврди за Klix.ba Данијела Маџаревиќ, портпарол на ПУ Зворник.

Таа додаде дека насилникот по пукањето заминал во непознат правец.

Полицијата интензивно трага по сторителот на кривичните дела „тешко убиство“ и „убиство во обид“, додаде Маџаревиќ.

– Како што неофицијално дознаваме, причина за пукањето се нерасчистени односи од порано, објавуваат медиумите.

Повеќе информации за овој инцидент, како и за состојбата на повредените ќе бидат познати по истрагата што ќе ја спроведат припадници на полициската управа Зворник.