Поранешната државна секретарка во српското МВР Дијана Хркаловиќ, на која и се суди за противзаконито влијание, гостуваше во утринската програма на ТВ Хепи и продолжи да ја изнесува својата „одбрана“, зборувајќи за вчерашната изјава на министерот за одбрана Небојша Стефановиќ, но и напаѓајќи ги независните медиуми во Србија.

Но, она што посебно падна во очи е тоа што Хркаловиќ во денешното обраќање отиде чекор подалеку во пофалбата на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Се започна со прашање на Миломир Мариќ дали чувствувала дека ѝ се подготвува апсење. Хркаловиќ изјави дека тоа секако е така, и дека нејзиниот коефициент на интелигенција односно „IQ не е многу мал“.

Мариќ додаде дека е позната како еден од најинтелигентните и директно праша колкав е нејзиниот коефициент на интелигенција:

„158, толку е измерено“, скромно вели Хркаловиќ и додава:

„Но, претседателот има поголем коефициент на интелигенција, тој има највисок коефициент на интелигенција од луѓето што ги познавам“.

За Хркаловиќ, српските медиуми веќе пишуваа дека „приватизирала“ дел од полицијата во служба на кланот Вељко Беливук (35), попознат како Вељa Невоља.

Како што покажа истрагата на Хркаловиќ, во времето кога била на висока позиција во Министерството за внатрешни работи, формирала Специјална полициска работна група, задолжена само за следење на навивачите и наркодилерите кои биле во конфликт со кланот Беливук.

Сите доверливи информации на оваа работна група му биле предавани на Беливук кој ги искористил за да се ослободи од конкуренцијата.