Латино актерот Андрес Гарсија почина на 4-ти април на 82-годишна возраст, јавуваат тамошните медиуми. Тажната вест ја потврди неговата сопруга Маргарита која објави дека нејзиниот сопруг починал по долга борба со цироза на црниот дроб.

„Со болка за која не знаев дека се чувствува во душата, сакам да ја информирам јавноста дека секогаш бев покрај мојот сопруг и го сакав со целото мое срце, до последниот здив. Андрес Гарсија, љубов моја, сега почиваш покрај нашиот Господ Исус. Андрес доби трансфузија на крв во неделата, во болницата Санта Лусија. Се вративме дома истата недела, но неговото тело веќе беше многу уморно. Почина мирно и на начин за кој сум му благодарна на Бога“, напиша таа на Инстаграм со фотографија од нејзиниот сопруг.

Андрес важеше за еден од најголемите латино заводници, а се женеше четири пати и има три деца.

Публиката имаше можност да го погледне Гарсија во бројни серии, а некои од нив се „Право на љубов“, „Забранета жена“, „Пантер“, „Кралот на Тексас“ и други.