Есенскиот дождлив период со себе носи пониски температури, а тоа значи и значително различни услови за возење по долгите и сончеви летни денови.

Со високиот процент на влажност во воздухот почнуваат и проблемите со замаглени прозорци во автомобилот.

Со вас споделуваме неколку корисни совети за тоа како лесно да го решите овој проблем.

1. Измијте ги стаклата од внатрешната страна

Борбата против замаглените прозорци треба да започне со правилно чистење на стаклото од внатрешната страна. Често го забораваме ова при перењето на автомобилот и тоа е грешка. Масните наслаги што се собираат на површината на стаклото го забавуваат испарувањето. Добро исчистените прозорци одвнатре можат да дадат изненадувачки добри резултати, особено ако во автомобилот често се пуши.

Најдобри резултати се постигнуваат со најобично средство за чистење стакло, истото што го користите за прозорците дома (по можност да е безбојно и да содржи алкохол)

2. Заменете го филтерот за воздух

Ако прозорците продолжат да се замаглуваат и по чистењето на стаклата, препорачуваме да го проверите филтерот за воздух. Нечистотиите и остатоците од лисја што се насобираат таму ја задржуваат влагата при дождливо време, која се претвора во водена пареа што се „лепи“ на површината на стаклото кога ќе се активира струењето на воздух. Во повеќето автомобили заменувањето на овој филтер е лесно. Инструкциите за замена обично се наоѓаат во кутијата на новиот филтер што ќе го купите.

3. Ослободете се од влагата внатре во автомобилот

Во дождливите денови внесуваме одредени количини вода на чевлите и облеката кога влегуваме во автомобилот. Патосниците апсорбираат влага, затоа се препорачува да зиберете гумени за во есен и зима. Ако го користите автомобилот за кратки релации кога нема време внатрешноста доволно да се загрее, насобраната вода нема да испари.

Исто така, се препорачува по долго патување, темелно да го проветрите автомобилот со отворање на сите врати 2 до 3 минути. Следниот чекор треба да биде темелно чистење на внатрешноста на возилото.

4. Користете го клима-уредот

Ако имате климатизер во вашиот автомобил (а повеќето современи автомобили го имаат), користете го дури и ако е вклучено греењето. Кај повеќето возила, по околу десет секунди работа на клима-уредот пареата исчезнува од прозорецот. Системот брзо го отстранува вишокот на влага и ги „одмаглува“ прозорците. Исто така, вклучувањето на климатизерот во зима го штити компресорот од абење и скапи дефекти.