Боб Фреш Маркет е затворен. Ниту купувачите ниту вработените немаат пристап.Влезот е блокиран од агенција за обезбедување. Закупникот, Иван Вања Димитровски, не добил никакво официјално известување ниту од сопственикот на имотот Гранит, ниту од општина Карпош.

Закупникот се жали дека тој имал договор на 10 години, а само по седум месеци откако почнал со работа на оваа локација, дејноста му е стопирана.

Откако не му бил дозволен пристап до објектот, повикал полициски службеници за да го решат проблемот, но тие не презеле ништо за одблокирање на влезот.

Проблемот всушност настанал околу средината на септември кога тој бил повикан на состанок со Гранит на кој му кажале дека ќе му се раскине договорот бидејќи на тој простор сопственикот – градежното претпријатие Гранит има намера да гради деловно- станбен објект.

Закупникот се жали дека веќе неколку месеци не добива фактури и не може да ги плати сметките за кирија и електрична енергија.

Од Гранит никој не одговорил на неговите барања.

Градоначалникот Стевчо Јакимовски во разговор за Телма изјави дека закупникот со месеци не плаќал кирија и сметки за електрична енергија, а имало и лоша хигиена за која секојдневно се жалеле околните жители.

Ние стапивме во контакт и со Гранит, но до емитување на овој прилог тие се уште не се огласија за обвинувањата против нив, објави телевизија Телма.