Во оваа зграда требаше да започне нова етапа во животот на Маја Данчевска, но… „Како е можно да завршиме на улица со две мали деца, со кои навистина не знам каде ќе одам“ – изјави Маја Данчевска.

Инвеститорката Снежана Петрушевиќ заедно со сопругот Ѓоко Петрушевиќ наместо да градат според дозволата со која се дозволува изградба на приватна куќа, изградиле зграда со 12 стана. Од кои 7 продале, а меѓу тие 7 лица е и Маја.

„Се договоривме, ние плативме 60% од вкупната цена за станот. Потпишавме купопродажен договор и во меѓувреме чекавме да се преселиме. Кога беше завршена зградата се вселивме и чекавме да заврши техничката процедура, како што велеше она, за да ни го предаде имотниот лист. Кога видов дека нема имотен лист, решив да отидам во катастар каде што ми рекоа дека на ова место нема зграда, таа е наменета за куќа и нема да можам да извадам имотен лист“ – изјави Маја Данчевска.

Откако Маја сфатила што се случува, сопственикот на зградата почнал да се заканува. Заканите Маја ги пријавила во полиција, и иако и се вршел притисок не престанала да се бори за имотот кој го платила и не може да го користи.

Конечно, во 2017 година Основниот суд Куманово одлучи да и го конфискува имотот на Снежана Петрушевиќ и да ја прогласи за виновна за бесправно градење. Освен што и се конфискува имотот, ќе биде осудена и на две години условен затвор, но никаде не беше обвинета за измама и Маја остана и без пари и без имот.

Иако има правосилна пресуда за конфискација на имотот, сега веќе поранешниот сопственик бара Маја да го напушти објектот, а тоа изненадувачки е прифатено од судот. Тоа е така затоа што овој имот се уште не е впишан во катастар како одземен од државата, а од друга страна судот не го признава договорот потпишан на нотар помеѓу Маја Данчевска како купувач и Снежана Петрушевиќ како продавач, бидејќи објектот што е продаден легално не постои.

Се обидовме да добиеме изјава и од инвеститорот Снежана Петрушевиќ. Таа не беше дома. Нејзината мајка рече дека не знае ништо за случајот.

Маја е во овие правни лавиринти од 2014 година, а крајот може да биде болен за неа и нејзиното семејство.