Речиси сите влажни марамчиња што се продаваат во Англија ќе бидат забранети, согласно плановите на властите за справување со загадувањето на водата, изјави за Би-би-си министерката за животна средина на Обединетото Кралство, Тереза Кофи.

Забраната на марамчињата на база на пластика треба да стапи во сила следната година, а оваа заложба е дел од планот за подобрување на квалитетот на водата во Англија, каде ниту една река не се смета за чиста.

Според „Water UK“ – организација која ја претставува британската индустрија за вода, влажните марамчиња исфрлени во тоалетите се главна причина за 93 отсто од случаите на блокади на канализацијата. Нивното чистење властите ги чини 100 милиони фунти годишно.

Околу 90 отсто од марамчињата содржат пластика, иако сега за нив во продавниците постојат алтернативи. Пластиката не се распаѓа и со текот на времето марамчињата се заглавуваат и се лепат, што предизвикува водата да престане да се движи низ цевките.

Опозициските и еколошките групи овој план го оценија како слаб.

„Нашиот предлог е да се забрани пластиката во влажните марамчиња. Тоа е законско барање за да се осигураме дека можеме да продолжиме со каква било забрана потоа“, рече Кофи за Би-би-си, најавувајќи консултација по ова прашање.

Британските власти во 2018 година првпат најавија дека планираат да го елиминираат пластичниот отпад, вклучително и влажните марамчиња. Речиси 96 отсто од луѓето на консултациите во 2021 година за забрана на влажните марамчиња рекле дека ја поддржуваат идејата.