Полицијата во Далас објави вознемирувачко видео од пукањето во болница во кое загинаа две здравствени работнички. Ги убил маж кој бил на условна слобода. Тој отворил оган во налет на љубомора, само неколку моменти откако неговата девојка се породила.

Надзорните снимки објавени во средата покажуваат дека 30-годишниот вооружен напаѓач Нестор Хернандез отвора оган во Медицинскиот центар „Методист“ во Далас.

Жаклин Покуа, 45-годишна социјална работничка и Кејти Анет Флауерс, 63-годишна медицинска сестра, беа убиени во пукотницата на 22 октомври. Ернандез бил застрелан од полицијата во ногата, по што бил приведен.

Го молела да не го повреди нивното дете

На видеото се слушаат врисоци на девојката на Хернандез. „Те молам, не го прави ова!“, вика таа и го моли да не им го повреди детето.

Хернандез ја застрелал Покуа кога таа влегла во собата за да се грижи за жената, а потоа пукал во Флауерс, која погледнала во собата кога слушнала пукање.

Откако одекнаа два истрела, наредникот Роберт Ранџел, кој истражуваше неповрзан инцидент во близина, беше првиот што реагираше. Ранџел го извадил пиштолот и испукал еден истрел кон напаѓачот. Го застрелал во ногата.

Хернандез се вратил во собата кај својата девојка и детето, а полицаецот се приближил до вратата од родилната сала. Ернандез потоа се забарикадирал таму со својата девојка и нивното новороденче, пишува Daily Mail.

„Фрли го пиштолот“

Полицаецот преговарал со Хернандез додека чекал засилување. „Можеме да го решиме“, му вика тој. „Само фрли го пиштолот, те молам! Фрли го пиштолот“, му вели тој на Хернандез.

„Ништо нема да направам, не знаете што се случува по ѓаволите!, му одговорил Хернандез додека неговата девојка продолжува да плаче и да вреска.

По петнаесетина минути, при што пристигнале и други полициски службеници, влегле во породилната сала и го привеле повредениот напаѓач.

Бил на условна казна

Хернандез бил на условна казна, но му била дадена дозвола да ја посети болницата. Полицијата истражува како успеал да дојде до огненото оружје.

„Според мое мислење, ова е неуспех на нашиот кривично-правен систем“, рече началникот на полицијата во Далас, Еди Гарсија. „Ваков насилен човек не требаше да биде со алка на ногата, требаше да остане во затвор“, додаде тој.

Шефот на полицијата рече дека болницата не добила известување за неговото криминално досие. Хернандез беше ослободен од затвор на условен отпуст минатиот октомври, откако беше осуден за тешка кражба. Одлежа шест од осумте години што ги доби.

Предупредуваме дека снимката е вознемирувачка: